израелско-палестински конфликт

Преминот Рафа отворен, копнената офанзива во Газа продолжува

06.11.2023 20:17

Граничниот премин Рафах повторно отворен. Во Појасот Газа и натаму се водат жестоки битки. Погоден градот Канјунис во јужниот дел на енклавата. Палестинците загрижени за цивилите. Обвинуваат-Тел Авив сака да ја види Хирошима во Газа. Израел тврди-доколку не се порази оската на теророт, никој не е безбеден, ако Блискиот Исток падне, Европа ќе биде следна …

Граничниот премин Рафах е повторно отворен за странците и за лицата со двојно државјанство. Копнената офанзива во Газа продолжува. Израелската армија зазеде позиции во должината на брегот, делејќи го Појасот на два дела. И покрај апелите од Тел Авив жителите да се евакуираат на југ, во воздушен напад погоден градот Канјунис во јужниот дел на енклавата.

„Сите се деца, ниту еден возрасен. Сите се деца и жени, целата зграда падна врз нив. Ова се вашите цели Нетанјаху“, изјави Солиман ал Факави, жител на Кан Јунис.

„Има голем број повредени и мртви. Ова е ново големо злосторство против народот“, изјави Билал Хамдан, член на спасувачки тим.

СЗО изразува загриженост поради цивилните жртви. Според палестинските власти, досега се загинати над 10 илјади луѓе.

„Не им се доволно 10.000 загинати, над 25 илјади повредени и милион раселени луѓе. Сакаат да ја видат Хирошима во Газа. Убивај со цел да убиеш. Меѓународниот Кривичен суд сега мора да издаде налог за апсење на криминалците“, Мохамед Штајех, премиер на Палестина.

Израел води глобална битка против варварството предводено од оската на теророт што ја води Иран – изјави израелскиот премиер Нетанјаху.

„Ако не ги поразиме, ќе го загрозат целиот Блиски Исток. Ако Блискиот Исток падне на оската на теророт, Европа ќе биде следната и никој нема да биде безбеден“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Американскиот државен секретар ја продолжи турнејата од Блискиот Исток во Турција. За тековната војна разговараше и со премиерот на Ирак. Викендов се сретна и со арапските лидери и палестинскиот претседател Абас.

„Остануваме фокусирани на заложниците кои ги држи Хамас, вклучително и Американците, и да се погрижиме да направиме сè што е можно за да ги вратиме дома“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Итни средби на највисоко ниво на Иран и Ирак.

„Ја обвинуваме Америка и другите земји кои го поддржуваат Израел во злосторствата. Сметаме дека тие се соучесници“, изјави Ебрахим Раиси, претседател на Иран.

„Тие кои сакаат конфликтот да се ограничи и да не се прошири на целиот регион, треба да извршат притисок врз ционистичкиот режим да престане со својата воена агресија“, изјави Мохамед Шија ал-Судани, премиер на Ирак.

Кина која го презеде претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите Нации со осуда за случувањата на Блискиот Исток. Кинеското МНР соопшти дека ќе направи се за да го врати мирот.

 

Бојана Крстевски