Израел ги отфрла повиците за прекин на огнот без ослободување на заложниците
Нема општо примирје во Газа, изјави Нетанјаху. Израелскиот премиер вели, дека ќе се контролира хуманитарната помош и поединечното напуштање на нивните заложници од енклавата. Советот за безбедност без договор за ситуацијата во Газа. Нова седница утре...

Израел освои уште едно воено упориште на Хамас. Најавува пожестока фаза од едномесечната војна, откако армијата успеа да го отсече северниот дел на Газа. Интензивирани воздушните напади.
„Нашите борци во последните неколку часа убија голем број терористи за време на нивното движење во продлабочување на притисокот врз градот Газа“, информираше портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари.
Тел Авив ги отфрла повиците за прекин на огнот без ослободување на заложниците. Во разговор со американскиот претседател Бајден, премиерот Нетанјаху најави можни тактички, мали паузи за хуманитарната помош да влезе во Газа или заложниците да ја напуштат. Изјави дека Израел ќе има целосна одговорност за безбедноста во Појасот на неодредено време, откако ќе заврши војната.
„Ако не ги поразиме, ќе го загрозат целиот Блиски Исток. Ако Блискиот Исток падне на оската на теророт, Европа ќе биде следната и никој нема да биде безбеден“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Командант на либанскиот Хезболах најави можно прелевање на конфликтот, доколку Израел не ги прекине нападите врз Газа. Немешањето би значело дека она што Израел го прават во Палестина, подоцна ќе го прават и во Либан и во регионот, вели Наим Касем. Советот за безбедност на ООН повторно без договор за Појасот Газа. Нова седница закажана за в четврток.
„Она што треба да го направиме е да ги заштитиме цивилите и да им дадеме хуманитарна помош, за да го сториме тоа, ни треба хуманитарно примирје“, рече францускиот амбасадор во ОН, Никола де Ривиер.
„Во Советот има несогласувања. Постои загриженост за тоа што ќе се случи следниот ден. Загрижени сме за секаков вид насилство што се случува долж границата со Либан. Многу јасно кажавме дека не сакаме оваа војна да се прошири“, изјави Роберт Ауд, алтернативен амбасадор на САД во ОН.
Во меѓувреме, шефовите на дипломатиите од Групата 7 на средба во Токио. Во фокусот ситуацијата во Украина и последните превирања на Блискиот Исток.
Бојана Крстевски
