Хуманитарен коридор за бегалците од Газа
Израел подготвува новата пожестока фаза од едномесечната војна со Хамас. И натаму се зголемува бројот на цивилните жртви. Отворен е хуманитарен коридор за бегалците. Хезболах најави можно прелевање на конфликтот. Советот за безбедност на Обединетите нации закажа нова седница за в четврток…

Израел отвори хуманитарен коридор за бегалците од Газа. Илјадници луѓе се раселуваат кон југот од појасот додека се подготвува новата пожестока фаза од едномесечната војна со Хамас. Израелската одбрана тврди дека елиминирала уште една милитантна група близу до здравствена установа.
„Нашите борци во последните неколку часа ликвидираа значителен број терористи за време на нивниот притисок врз градот Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
И натаму се зголемува бројот на цивилните жртви.
„Спиевме сите заедно, бебиња, деца, повозрасни луѓе. Јас, брат ми. Сега не сум сигурен за нивната судбина“, вели Ахмад Ал-Наџар.
Премиерот Нетанјаху изјави дека Израел ќе биде целосно одговорен за безбедноста во појасот откако ќе се исполнат целите на воената операција.
„Ако не ги поразиме, ќе го загрозат целиот Блиски Исток. Доколку Блискиот Исток остане во оската на теророт, Европа ќе биде следната и никој нема да биде безбеден“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Проирански Хезболах најави можно прелевање на конфликтот. Немешањето би значело дека она што Израел го прават во Палестина подоцна ќе го прават и во Либан и во регионот-вели командантот Касем. Советот за безбедност на ООН повторно без договор за Појасот Газа. Новата седница е закажана за в четврток.
„Она што треба да го направиме е да ги заштитиме цивилите и да им дадеме хуманитарна помош, за да го сториме тоа, ни треба хуманитарно примирје“, изјави Никола Де Ривиер, француски амбасадор во ОН.
„Во советот има несогласувања. Постои загриженост за тоа што ќе се случи следниот ден. Загрижени сме за секаков вид насилство што се случува на границата со Либан. Многу јасно кажавме дека не сакаме оваа војна да се прошири“, изјави Роберт Вуд, алтернативен амбасадор на САД во ОН.
Самит на шефовите на дипломатиите од Групата 7 во Токио. Во фокусот-последните воени превирања на Блискиот Исток и во Украина.
Бојана Крстевски
