Водата во Струга забранета за пиење, матноста поголема од дозволената
Повторно водата во градскиот водовод во Струга и струшко е забранета за пиење. Анализите на Центарот за јавно здравје покажаа нарушување на квалитетот. Стружани револтирани, децениски проблем, за што граѓаните повеќе пати организираа и протести…

Забранета за пиење водата од градскиот водовод во Струга и струшко. Анализите на Центарот за јавно здравје покажаа нарушување на квалитетот на водата, присуство на поголема матност од дозволената, со што таа не е здравствено безбедна за консумирање.
Стружани револтирани, велат, со децении после секои врнежи се соочуваат со овој проблем. Плаќаат сметки, а принудени се да купуваат вода.
„Тоа веќе премногу често се случува, така да навистина сите сме многу загрижени. Не е во ред, водата е потполно неисправна. А и после тие инциденти се хлорира отповеќе, така да апсолутно не е здрава за консумирање“.
„Кога врне дожд, нормално дека е загадена“
„Кога ќе врне дожд, штом прекине дождот се сталожува талогот. Треба да се позанимаат стручните служби да го решат проблемот“.
Но, и покрај забраната голем број граѓани, денеска во Струга пиеја вода од градските чешми, бидејќи никаде немаше информација дека е небезбедна за пиење.
„Не знам, немам информација за тоа“.
„Не, не ми е познато, затоа што филтер имаме дома. Заради вакви ситуации имаме филтер“.
Неисправна вода во јавниот водовод во Струга и струшко е децениски проблем, за што граѓаните повеќе пати организираа и протести.
Од јавното претпријатие „Водовод“, со години вината ја лоцираат во неколкуте мини хидроцентрали кај Горна Белица, од каде што велат се загадуваат изворите во Шум.
Соња Рилковска
