Воен конфликт

Ден на жалост во Израел, најавена пожестока офанзива

07.11.2023 14:20

Ден на жалост и сеќавање на 1.400 жртви кои свирепо беа убиени пред еден месец од рацете на Хамас. Тел Авив најави нова, пожестока офанзива во Појасот Газа до конечна победа. Откако ќе се исполнат целите на воената операција, Израел ќе биде целосно одговорен за безбедноста во појасот-изјави премиерот Нетанјаху.

Знамињата во Израел на половина копје. Ден на жалост и сеќавање на 1.400 жртви кои свирепо беа убиени пред еден месец од рацете на Хамас. Тел Авив најави нова, пожестока офанзива во Појасот Газа до конечна победа. Се елиминираат терористите-тврди одбраната.

„Нашите борци во последните неколку часа ликвидираа значителен број терористи за време на нивниот притисок врз градот Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Откако ќе се исполнат целите на воената операција, Израел ќе биде целосно одговорен за безбедноста во појасот-изјави премиерот Нетанјаху.

„Ако не ги поразиме, ќе го загрозат целиот Блиски Исток. Доколку Блискиот Исток остане во оската на теророт, Европа ќе биде следната и никој нема да биде безбеден“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Најмалку 16 луѓе загинаа во воздушен напад во близина на градот Рафах. Пријавени експлозии и во Кан Јунис и медицинскиот комплекс Насер.

„Спиевме сите заедно, бебиња, деца, повозрасни луѓе. Јас, брат ми. Сега не сум сигурен за нивната судбина“, вели Ахмад Ал-Наџар.

Илјадници се раселуваат кон југот од појасот. Хуманитарната ситуација е „ужасна“-потенцира високиот комесар за човекови права. Од Каиро со апел да се стави крај на насилството.

„Важно е да се најде решение и да се стави крај на насилството, да се излезе од оваа ужасна хуманитарна ситуација. Утре ќе одам во Рафах, а потоа ќе продолжам за Јордан“, рече Волкер Турк, висок комесар на ООН за човекови права.

„Египет и Јордан имаат цврст став во врска со отворањето на вратата за ново раселување на Палестинците, без разлика дали се од Газа или од западниот брег“, изјави Хаифа Абу Газалех, помошник генерален секретар на Лигата на арапските држави.

И Кина вети дека ќе игра улога во завршувањето на војната во Газа откако резолуцијата на Советот за безбедност на ООН повторно пропадна.

„Американската страна сака само пауза, а не прекин на конфликтот. Кина ќе продолжи во напорите да се стави крај на борбата и за ублажување на хуманитарната ситуација, со цел траен мир меѓу Палестина и Израел“, изјави Ванг Венбин, портпарол на кинеското министерство за надворешни работи.

Според податоците на ООН, во четиринеделната војна загинале повеќе од 10 илјади луѓе, 40 насто од нив биле деца. Последните превирања на Блискиот исток-една од темите на самитот на шефовите на дипломатиите од Групата 7 во Токио.

Бојана Крстевски