Николовски: Северна Македонија сигурно чекори по својот европски пат
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска учествуваше на 17-тиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, кој оваа година се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина...

Регионалната соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа е важна и клучен фактор во политичката стабилност и безбедност, економска соработка и економски развој на земјите од Југоисточна Европа. Успешната регионална соработка е едно од главните барања во договорите за стабилизација и асоцијација, како и дел од рамката на европската политика за идна интеграција во Европската Унија.
Северна Македонија сигурно чекори по својот европски пат, со поставена јасна цел за членство во Унијата до 2030 година. Преговорите со Европската Унија се веќе започнати, а билатералната средба за поглавјата од кластерот 5 е закажана во текот на овој месец.
Министерот Николовски на 17 работен состанок на министрите за земјоделство ги презентираше резултатите на Северна Македонија во резизацијата на ИПАРД 2 програмата и успешниот старт на новата ИПАРД 3 програма.
„Земја лидер сме во искористувањето на средствата од ИПАРД 2 програмата и тоа по неколку основи, имаме најголма 100% реализација на програмата, со нула евра поврат на средства и први во регионот ја започнавме реализацијата на новата ИПАРД 3 програма. Нашиот успех со ИПАРД го потврди и Европската Унија зголемувајќи ги за 62% средствата на Европската Унија, со што од 60 за новата ИПАРД 3 програма на располагање имаме 97 милиони евра европски средства“, истакна министерот Николовски.
Како држава сме горди што ИПАРД е наша успешна приказна, нагалси во своето обраќање министерот Љупчо Николовски, презентирајќи ги пред колегите министри новостите кои се предвидени во ИПАРД 3 програмата. Една од новите можности која се предвидува со ИПАРД 3 програмата е авансната исплата до 50% од висината на финансиската поддршка веднаш по потпишување на договорот. Реализацијата на новата ИПАРД 3 програма стартуваше на 1 септември преку распишување на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, каде на располагање беа ставени и првите 30 милиони евра.
Министерот Николовски во своето обраќање се осврна и на зелената агенда како важен приоритет во работата на министерството, нагласувајќи дека токму зелената агенда за Западен Балкан 2021-2030 претставува патоказ за одржливо земјоделство, а токму секторот земјоделство, но и руралниот развој имаат важна улога во економскиот развој на државите.
Добрата регионална соработка меѓу државите од Југоисточна Европа, отворените граници и слободното движење на стоки и луѓе треба да бидат главните сили преку кои заеднички државите од Југоисточна Европа би ги надминале сите предизвици. Министерот Николовски како добар пример за успешна регионална соработка ја истакна Иницијативата Отворен Балкан.
Интеграцијата наместо дезинтеграција на регионот, слободен и отворен пазар, наместо усложнати процедури, треба да бидат заедничката цел на државите од регионот.
