Земјотрес во Кина со епицентар во провинцијата Јунан

30.05.2014 12:18

Најмалку 29 лица се повредени во земјотресот со јачина од 5,9 степени по Рихтер со епицентар во провинцијата Јунан во југозападниот дел на Кина. Ударот траел меѓу 8 до 10 секунди.

Епицентарот на земјотресот бил во длабочина од 10 километри, а бил почувствуван и во северниот дел на Мјанмар-пренесува АФП. Најсилен бил ударот во гратчето Качанг каде што властите упатиле полиција и спасувачки екипи. Од 29-те повредени лица 5 биле во потешка состојба. Се уште нема проценка на материјалната штета, но се смета за умерена.

Југозападна Кина е трусно подрачје. Во мај 2008 силен земјотрес од 8 степени ја погоди провинцијата Сечуан. Настрадаа десетина илјади луѓе, а материјалната штета беше огромна.

Соња Стојановска