Израел ја засили копнената офанзива
Нема прекин на огнот и доставување гориво во Појасот Газа доколку Хамас не ги ослободи заложниците, се закани Нетанјаху. Бајден побарал од израелскиот премиер тридневен прекин на нападите...

Израелските сили се во срцето на градот Газа, тврди шефот на израелската одбрана. Тел Авив ќе размисли за „тактички мали паузи“ во воените операции, но нема прекин на огнот сè додека Израел не извојува победа, дециден премиерот Нетанјаху. Либански Хезболах најави дека доколку Израел продолжи со офанзивата во Појасот, ќе ги интензивира нападите врз израелските погранични области, како и врз американските воени бази на Блискиот Исток.
„Нема прекин на огнот – продолжуваме напред. Фокусирани сме на нападот во Газа, а во исто време работиме истовремено во секој од секторите на север. Се во состојба на висока готовност во Израел и го спречуваме тероризмот“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.
Белата куќа повтори дека претседателот Бајден не поддржува израелска окупација на Појасот Газа по завршувањето на војната. Реакцијата следи еден ден откако израелскиот премиер рече дека Израел ќе има улога во појасот за неопределен период.
„Ние не поддржуваме повторна окупација на Газа од страна на израелските одбранбени сили. Сметаме дека треба да има здрав сет на разговори за тоа како ќе изгледа Газа по конфликтот. Се согласуваме си нашите израелски колеги дека ништо не може да биде исто како пред 7-ми октомври“, изјави Џон Кирби – портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Хуманитарна помош влегува во Газа преку Рафах, но гориво сè уште нема, потврдуваат од ООН. Речиси 700 странски државјани се евакуирани од енклавата. За утре закажана нова седница на Советот за безбедност. Хуманитарните организации алармираат за големиот број жртви.
„Генералниот секретар останува крајно вознемирен од убиствата на цивилите во Газа и хуманитарната катастрофа што продолжува да се случува таму со незамисливи жртви. Тој, исто така, го повторува својот повик за итен прекин на огнот“, изјави Стефан Дујарик – портпарол на генералниот секретар на ООН.
Египетскиот претседател ал-Сиси во Каиро го пречека директорот на Централната разузнавачка агенција Вилијам Барнс. На средбата разговарано за стратешкото партнерство меѓу двете држави, како и за тековната војна во Појасот Газа. Ал-Сиси ја нагласи важноста од итен прекин на огнот за заштита на цивилите. Војната на Блискиот Исток тема и на Самитот на Г7 во Токио.
Маријана Димовска
