Култура

Вечерва почнува Млад отворен театар

08.11.2023 12:03

Фестивалот ќе се отвори со претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. На програмата на годинашното издание, има вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас-предавања.

Од вечерва до 18--ти ноември во МКЦ во Скопје ќе се одржи 48-то издание на Млад отворен театар-МОТ. Фестивалот ќе се отвори со претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. На програмата на годинашното издание, има вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас-предавања.

Утревечер на сцената ќе се одигра руски реализам, односно „Браќа Карамазови“, во режија на Оливер Фрљиќ на „Загрепско казалиште младих“ – ЗКМ од Хрватска, а на 10-ти ноември ќе се изведе претставата „Омаж за Каталин Ладик“ од театарот од Словенија, во режија на Ирена З. Томажин, Јуле Флирл.

Како дел од ова програма, меѓу другото, премиера ќе има и претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата „Биш“ – „Артопиа“ и „Хибрид“. Исто така, ќе биде прикажана и претставата „Геа“ во продукција на „ErosAntEros“ од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA-програмата за 2023-та година. Во рамките на официјалната програма сè уште и продукции од Естонија, Словенија, Германија, Чешка, Турција и Македонија.

Од 16-ти до 18-ти ноември, на сцената во Железничката зграда во Скопје ќе биде претставен перформансот/театарската инсталација во три дела „Градот како сцена II – приказна за шетачот“ на Филип Јовановски.

На 17-ти ноември пак, ќе се одржи претставата „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад, Србија.

Мастерклас ќе одржи долгогодишен продуцентот и менаџер за турнеи на Словенско младинско гледалиште од Љубљана Душан Пернат, насловен „Скриената улога на продуцентот“. Како дел од придружната програма ќе се одржи промоција на монографијата за Коле Чашуле на проф. Ана Стојаноска, работилница на режисерот Мираз Метин, а во соработка со „Локомотива“ од Скопје ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува / Дијалог кој недостасува“.

МОТ и оваа година ќе ја доделува наградата „Биш“, како дел од заложбите на фестивалот за поддршка и промоција на домашната независна сцена.