Г7 бара хуманитарни паузи, Израел продолжува со нападите
Преполните болници во Газа секојдневно згрижуваат нови пациенти додека беснее војната меѓу Израел и Хамас со континуираните воздушни напади. Тел Авив ќе размисли за мали паузи во војната, вели премиерот Нетанјаху. Г7 бара хуманитарни паузи. Во Токио објавен план за мир меѓу Израел и Палестина …

Израелските сили се во срцето на градот Газа, тврди шефот на израелската одбрана. Тел Авив ќе размисли за „тактички мали паузи“ во воените операции, но нема прекин на огнот сè додека Израел не извојува победа, дециден премиерот Нетанјаху. Либански Хезболах најави дека доколку Израел продолжи со офанзивата во Појасот, ќе ги интензивира нападите врз израелските погранични области, како и врз американските воени бази на Блискиот Исток.
„Нема прекин на огнот – продолжуваме напред. Фокусирани сме на нападот во Газа, а во исто време работиме во секој од секторите на север. Во состојба сме на висока готовност во Израел и го спречуваме тероризмот“, изјави Даниел Хагари-портпарол на израелската одбрана.
Војната на Блискиот Исток тема и на самитот на Г7 во Токио. Дипломатите на групата седум со недвосмислена критика за нападите на Хамас и правото на Израел да се брани. Побараа хуманитарни паузи за да се забрза помошта за цивилите.
„Сите сакаме да го завршиме овој конфликт што е можно поскоро, а во меѓувреме да го минимизираме страдањето на цивилите. САД веруваат дека клучните елементи не треба да вклучуваат присилно раселување на Палестинците од Газа. Не сега, не по војната. Мора да се осигураме дека нема да произлезат терористички закани од Западниот Брег. Мора да спроведеме одржлив механизам за реконструкција на Газа, а Израелците и Палестинците да живеат рамо до рамо во свои држави со еднакви мерки“, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.
„Разликата помеѓу прекинот на огнот, кој е целосен повик за прекин на воената акција, е многу различна од хуманитарна пауза. Ние бараме временски и географски ограничени хуманитарни паузи за да го олесниме ослободувањето на заложниците, евакуацијата на странски државјани“, нагласи Џејмс Клеверли-министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Палестинското Министерство за здравство во Рамала објави дека повеќе од 10.400 луѓе се убиени во Газа од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. 2.350 луѓе се водат како исчезнати, а бројот на жртвите ќе продолжи да расте додека се расчистуваат урнатините од уништените згради.
„Овие бројки не ја одразуваат реалноста бидејќи голем број луѓе сè уште се под урнатините. Повеќе од 70% од мачениците се деца, жени и стари лица“, рече Маи ал-Каила, министерка за здравство во Рамала.
Хуманитарна помош влегува во Газа преку Рафа, но гориво сè уште нема, потврдуваат од ООН. За утре закажана нова седница на Советот за безбедност.
Маријана Димовска
