МОН

Шаќири во посета на 70 училишни објекти кои МОН ги реконструираше во изминатите неколку месеци

08.11.2023 14:43

Создавање квалитетни услови за образование на нашите деца е една од основните определби за кои се залагаме и како Влада и како политички субјект кој го застапуваме...

Создавање квалитетни услови за образование на нашите деца е една од основните определби за кои се залагаме и како Влада и како политички субјект кој го застапуваме. Затоа што, современите објекти, добро опремените училници и кабинети, креативните учебници, нагледни средства и така натаму, даваат стимул за поголема заложба и стекнување на што повеќе знаења кои секако, еден ден ќе ја најдат својата примена и секој поединец ќе го одведат до остварување на целите кои ги поставува пред себе.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на церемонијата со која се означи завршувањето на проектот за реконструкција на основното училиште „Форино“ во село Форино, гостиварско, на која присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Тој нагласи дека буџетот за образование постојано расте и тоа особено во делот на крупните инфраструктурни инвестиции. Очекува, како што рече, овој тренд да продолжи и во следните календарски години.

Ова основно училиште, како што посочи Шаќири е меѓу објектите, околу 70-на на број, во кои во текот на оваа година се вложија 4,5 милиони евра за активности генерално насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и пристапноста за лицата со попреченост, а поддршка се обезбеди од Светската банка која го финансира Проектот за унапредување на основното образование и Банката за развој при советот на Европа која го финансира проектот за изградба на 145 училишни спортски сали и реконструкција на училишни објекти.

Освен градежните активности, министерот посочи дека оваа година МОН се посвети значително и на дигитализацијата на воспитно – образовниот процес, односно вложи средства во модернизација на ИТ и мрежната инфраструктура во основните училишта. Се набавија нови персонални и преносни компјутери, смарт табли, 3Д скенери, печатари, проектори, системи за складирање и управување со податоци и слично.

Дополнително, беа набавени нови наставни и нагледни средства за кабинетите по предметите од групата на општествени науки како историја и географија, а се обезбедија и целосно нови кабинети по природни науки во сите основни училишта, стои во соопштението од МОН.