Брисел

Украина доби кандидатски статус

08.11.2023 15:04

Историски ден за Украина. Европската комисија предложи отворање на пристапните преговори. Претседателката Фон дер Лајен ги пофали напорите на земјата којашто и покрај војната успеала, како што рече, да исполни над 90% од неопходните чекори. Недвосмислена поддршка и од самитот на Г7 во Токио…

Историски ден за Украина и Молдавија, Европската комисија предложи отворање на пристапните преговори, изјави претседателката Урсула фон дер Лајен. Како услов останува Киев да ги заврши реформите што ги почна, изјави претседателката Фон дер Лајен .

„Украина заврши. Бев таму за време на викендот и можев да се уверам во повеќе од 90% од неопходните чекори што ги поставивме минатата година во нашиот извештај. Останатите реформи се веќе на пат, тоа е добро. Ги пофалуваме овие напори. Врз оваа основа денеска препорачавме советот да ги отвори пристапните преговори и да усвои преговарачка рамка откако Украина ќе ги спроведе тековните реформи“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Доколку владите на членките на ЕУ се согласат со препораката на ек, тоа би било првпат во историјата на ЕУ да почнат пристапни преговори со земја која е во војна.

Украинците отсекогаш биле и остануваат дел од нашето заедничко европско семејство, изјави Зеленски.

„Историјата на Украина и на цела Европа, го направија вистинскиот чекор. Ова е чиста позитива. И покрај сите тешкотии, одиме напред. Веќе во декември очекуваме политичка одлука од европскиот совет. Украинците го заслужуваат тоа, и поради одбраната на европските вредности, и поради фактот што дури и во време на војна ние си го одржуваме зборот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Недвосмислена поддршката за Украина и од самитот Г7 во Токио. Министрите обединети во воведувањето строги санкции кон Русија и ставање крај на воената агресија.

„Континуирано наш приоритет како Г7 е да ја запреме руската инвазија што е можно поскоро. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина колку што е потребно во различни полиња, вклучително и дипломатија, хуманитарна помош, финансии и безбедност“, изјави јапонскиот министер за надворешни работи, Јоко Камикава.

На самитот повторени ставовите за забрзување на напорите на владата и приватниот сектор за среднорочно до долгорочно закрепнување и обнова на земјата опустошена од војната. Дополнително, министрите се согласија за потребата од унапредување на мировниот процес заедно со меѓународните партнери.

 

Бојана Крстевски