Здравство

В година нови лекови на позитивната листа, ќе се воведуваат етапно

08.11.2023 15:09

Нови иновативни скапи лекови на позитивната листа ќе се најдат во првата половина на идната година. Кога станува збор за биолошка терапија, ние заостануваме зад европските земји. Проширувањето на листата ќе се одвива етапно, со цел да спречи оптоварување на Фондот за здравство. Предвидено е да се потрошат 2,9 милијарди денари …

Лекови за малигни заболува, мултиплекс склероза, кардиоваскуларни заболувања и хемофилија – се најдоа на апликациите за ставање на позитивната листа. Надлежните очекуваат да биде објавена првата половина на идната година. За иновативната и скапа терапија здравствените власти од државната каса побарале дополнителни 2,9 милијарди денари.

Од фондот предупредуваат – новите лекови постапено да се внесуваат, за да не оптоварат буџетот.

„Доколку се внесат голем број на вакви молекули на позитивната листа од старт тоа најверојатно би предизвикало огромно оптоварување и на фондот, меѓутоа и на државниот буџет“, изјави Магдалена Филиповска Грашкоска, директор на Фондот за здравство.

„Ќе треба еден пореален систем којшто редовно ќе се ажурира затоа што новиот правилник кој се донесе и ги вметна дури и посебните договори дава една можност за сите овие препарати да бидат на поинаков начин третирани, да бидат побезбедно набавувани или ако сакате со попристапни цени“, вели Ана Данева Маркова – советник за здравство на премиерот.

Од веледрогериите со став – процедурите со тендерската документација го пролонгираат процесот со апликации во собирање научни докази за ефектите на одреден лек.

„Посебно за овие иновативни лекови секојдневно има нешто ново, и за сите останати лекови има. И тука се создава еден хаос во таа мала збрка да се подготвиш, да бидеш на време да биде се како што треба сработено“, изјави Весна Попова – претставник на веледрогерија.

Македонија заостанува во споредба со земјите во регионот кога станува збор за биолошката терапија. Позитивната листа на лекови не е ажурирана 15 години.

Андријана Ѓурческа