Куманово: Поднесена пријавата за дивоградбата во Сопот
Општина Куманово утринава ја поднесе пријавата до полицијата за откривање на сопственикот на дивоградбата во Сопот. Започната е процедурата, а постои и можност музејот да се урне. Македонската телевизија утринава го посети објектот кој се простира на поголема површина, но наидовме на затворени врати. Османи пак по реакциите на јавноста вели музејот не е на УЧК, туку одбележува настан од 1944 година...

Музејот во кумановско Сопот и денеска е затворен за јавноста. Од она што може да се забележи ја нема спорната мермерна плоча.
Во дворот на музејот денеска стои само каменот на кој беше поставена таблата со голема Албанија. Плочата вчера во неколку наврати беше отстранувана и повторно враќана. По реакциите во јавноста Општина Куманово прати инспектори на терен, кои констатираа дека целиот објект, кој се простира на поголема површина, е дивоградба. Во ниту еден документ но и од сознанијата на терен, инспекторите не утврдиле кој е сопственикот. Па затоа утринава до полицијата испратиле барање за поведување постапка и откривање на непознатиот сторител.
„Продолжуваме со носење на решение за извршување на објектот и потоа ќе следува процедура за уривање на објектот“, велат од Општина Куманово.
Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Османи пак вели музејот во Сопот не е на УЧК, туку одбележува настан од 1944 година. Според него земјиштето било на семејство, кое сакало да им даде почит на загинатите соселани. Партијата рече немаше никаков удел, туку само бевме поканети.
Елена Георгиевска
