Евроинтеграции

Остри критики од Европската комисија за Македонија

08.11.2023 15:15

Европската комисија го објави извештајот за напредокот на Македонија. Забелешки за слабости во клучни сектори. Судството и борбата со корупција слаба алка во системот на реформи …

Без суштински напредок во клучните области, Македонија доби остри критики од Европската комисија. Судството, борбата против корупцијата, реформата на администрацијата и институциите и натаму горлива тема. Загриженост кај европските партнери има и за измените на Кривичниот законик и за употребата на европското знаменце.

„Корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање. Се зголеми одложувањето и повторувањето на процесите за висока корупција, што резултираше со застарување во некои случаи. Кривичниот законик е изменет во брза собраниска постапка. Максималните казни за кривични дела поврзани со корупцијата беа намалени, што имаше импликации врз примената на застареноста и влијаеше па дури и стопираше голем број случаи од висока корупција, вклучително и оние на поранешното Специјално јавно обвинителство“, стои во извештајот.

Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони, пишува во извештајот. ЕК потсети и на договореното од преговарачката рамка.

„Процесот на пристапни преговори со ЕУ бара широк консензус од главните политички партии. Сите партии треба да се вклучат во конструктивна и инклузивна политичка дебата, за да се зајакне улогата на Парламентот“, велат од ЕК.

Парламентот и владата се обврзаа како врвен приоритет да ги усвојат релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, претставувајќи го планот за раст, од Брисел порача дека на земјите од Западен Балкан им се нуди можност за порана интеграција во ЕУ пред тие да станат и формално членки.

„Планот се состои од четири точки. Најпрво, најбрзо што може да се интегрираат заинтересираните западнобалкански партнери во „четирите слободи“ со прифаќање на сите обврски од нашите правила и прописи. Имаме волја да помогнеме и ќе ја искористиме секоја алатка тоа да се случи. Но, имаме барање. Тие треба значајно да придонесуваат кон стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и затоа замолуваме да се однесуваат меѓу себе како што се однесуваат кон нас“, изјави Оливер Вархеји, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ.

Европската комисија му препорача на Советот на ЕУ отворање на преговорите со Украина и Молдавија, а условно и со БиХ, како и доделување кандидатски статус на Грузија, но само ако ги реализира реформите.

Анита Димитријевска – Велковска