Македонија

Денес е Светскиот ден на урбанистичкото планирање

08.11.2023 16:32

Време да се преиспитаме кој и што им направи на градовите и каков е квалитетот на животот на секој од нас. Денес е Светскиот ден на урбанистичкото планирање...

Фатон Ќерими, студент на Архитектонскиот факултет, работи на решение како екстензивното градење во скопско Бардовци да не влијае на потребите на секој жител. Добрите искуства од други места во светот, се обидува да ги примени и во Скопје, за да биде подобро место за живеење и за него.

„Би сакал Скопје да биде град во кој ќе имаме повеќе рекреативни, слободни простори, каде што ќе можам еве јас како граѓанин да имам можност да шетам, да развивам различни активности на отворено, било да се тие зелени површини или не“, изјави Фатон Ќерими – студент на Архитектонски факултет.

Неговите колеги имаат друга задача. Бараат подобри урбанистички решенија за штипјани.

„Моментално работиме нова визија на градот Штип. Нашата група конкретно ја опфаќа бањата Кежовица и како може ние со нашиот проект повторно да ја оживееме“, изјави Ана Бојаџиевска – студентка на Архитектонски факултет.

„Околу Кежовица може да се забележи дека навистина нема никаква урбана структура бидејќи пристапот е доста отежнат, а можеме да заклучиме дека дури има и дива депонија во близина на самата бања“, изјави Тадијан Овчаров – студент на Архитектонски факултет.

Професорката Дивна Пенчиќ вели оти кај нас урбанизмот премина од другата страна и работи исклучиво за личен профит на малкумина. Проблем гледа и во нашата законска регулатива која нема јасна дефиниција дека за да имате квалитетен живот, треба покрај домување и трговија, да го обезбедите и сето она што им треба на денешните граѓани.

„Урбанизмот во нашиот случај се покажа и како нешто што одмага во квалитетот на живот. Недостасува тоа што ние не сме го препознале јавниот интерес. Ние не можеме бесконечно да ги шириме улиците“, изјави Дивна Пенчиќ, универзитетска професорка.

Според статистиките, зголемен е и бројот на автомобили за кои особено улиците на главниот град стануваат претесни.

Ефектите од моменталните урбанистички решенија се особено видливи при вакви дождливи денови. Тогаш градот, речиси и да не може да функционира.

Архитектот Никола Велковски вели дека иако не се совршени, генералните урбанистички планови нудат решенија, но проблем е што тие не се имплементираат. Тој смета дека за функционален град, неопходен е добар јавен превоз.

„Јавниот градски превоз треба да биде и побрз и по капацитативен од возењето со автомобил. Треба да ме дестимулира да седнам јас сега со свој автомобил да одам до Ѓорче Петров, затоа што побрзо би стигнал со јавен градски превоз. Но тој треба да има своја линија. Не може да зависи од градските гужви“, изјави Никола Велковски, архитект.

Во последната деценија, ликот на Скопје е непрепознатлив, најмногу заради многуте изградени згради. Иако тоа го гуши главниот град, сепак, само во првите пет месеци од годинава службите во 17-те општини во Скопскиот Плански Регион одобриле изградба на нови 1.447 станови. Она што е парадоксално е што ова се случува во ситуација во која, според последниот попис, речиси секој трет изграден стан во Скопје е празен.

 

Катерина Топалова