САД не го прифаќаат планот на Нетанјаху
Вашингтон смета дека палестинците треба да управуваат со Газа откако Израел ќе ја заврши војната против Хамас. Хуманитарните организации повикуваат на прекин на огнот. Израел и Хамас во преговори за тридневен хуманитарен прекин…

Израел го презеде упориштето на Хамас во северот на Газа. По 10 часовни борби заплениле оружје, уништиле над 130 тунели, а откриле и окно лоцирано во близина до градинка кое води до голема подземна рута – тврди одбраната.
„Многу работи што ги видовте надвор во комплексот беа скриени тука. Ќе треба време да се уништи Хамас. Не видовме цивили овде, само терористи“, изјави потполковник Идо, израелски војник.
Над 50 илјади Палестинци ја напуштаат областа откако Тел Авив го стегна обрачот околу непријателот. Сведочат за хоророт во борбената зона.
„Бевме засолнети во училиштата, но тие не се безбедни. Немаме храна и вода, удрија по пекарите. Во Газа нема живот“, вели Абер Акеила, жителка на Газа.
„Фрлија летоци-евакуирајте ја областа, ова е воена зона. Мора да се евакуирате! Бевме исплашени, мислевме дека ќе нè убијат синоќа. Беа истрелани 500 проектили. Се евакуираме на југ“, додава жител од Газа.
Катар преговара со Хамас за пуштање на заложници во замена за еден до два дена прекин на борбите, но Нетанјаху ја отфрла таквата можност. Хамас обвинува дека тој е „лично одговорен“ за неослободување на заложниците.
„Крвожедниот терорист Нетанјаху, не се грижи за животот на неговите војници. Ги фрла во смрт за своја лична корист. Тој е лично одговорен за попречувањето на ослободувањето на странските притвореници што ги држиме, на кои им понудивме и бевме подготвени да ги ослободиме, но тој реши да ја одложи понудата“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.
Шефот на ОН за човекови права Фолкер Турк ги обвини двете страни за воени злосторства и повика на прекин на огнот.
„Во Рафах, бев сведок на кошмарот кога луѓето се задушуваа под постојаното бомбардирање, ги оплакуваа своите семејства. Се борат за вода, храна, лекови и гориво“, изјави Волкер Турк, висок комесар на ОН за човекови права.
Додека хуманитарната криза се продлабочува, Советот за безбедност повторно заседава за ситуацијата во Газа.
Бојана Крстевски
