Романија

Средба Петровска – Тилвар во Букурешт

09.11.2023 11:00

Глобалната и европската безбедносна состојба, активностите за зацврстување на сигурноста на НАТО, потребата од гарантирање на стабилноста на регионот, како и начините за унапредување на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Романија...

Глобалната и европската безбедносна состојба, активностите за зацврстување на сигурноста на НАТО, потребата од гарантирање на стабилноста на регионот, како и начините за унапредување на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Романија беа темите на кои денеска во Букурешт разговараа министерката за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот романски колега, министерот за национална одбрана Ангел Тилвар.

Пристапот 360 степени, истакна министерката, не е само декларативна заложба, туку секоја земја членка треба придонесе кон тоа. Задача на нашата држава е да го гарантираме нашиот одбранбен систем, но и да учествуваме во градењето на одбранбениот систем на Алијансата.

Министерката Петровска се заблагодари за силната романска поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија и порача дека интегративните процеси за целиот регион се безбедносно прашање кое мора да биде приоритет за секој политичар и секоја Влада во земјите во регионот. Поделбите нема никому да му донесат добро, рече министерката, и додаде дека историјата на Европската Унија ни покажува дека помирувањето и заедништвото се единствениот пат кон подобра иднина за следните генерации.

Во контекст на регионот, министерката ја реафирмираше поддршката за иницијативите во кои и Северна Македонија и Романија се составен дел, како процесот СЕДМ кон кој се очекува да се приклучи и Молдавија. Дел од процесот СЕДМ е и Бригадата на Југоисточна Европа, каде во командата лоцирана во Куманово свој придонес даваат и романски офицери.

Северна Македонија и Романија во областа на одбраната соработуваат од 1998 година. Во однос на развојот на билатералната соработка, министрите Петровска и Тилвар истакнаа дека истата е на високо ниво и изразија интерес и подготвеност за нејзин посилен развој во иднина. Одбранбената соработка се реализира преку годишни планови со висок степен на реализација. Во 2023 година предвидени се 17 заеднички активности, од кои 7 во Северна Македонија.

Посетата на министерката Петровска денеска продолжува со обиколка на касарната Отопени и средба со македонскиот контингент во рамките на мултинационалните сили на НАТО сместени во оваа касарна, стои во соопштението од Министерството.