Македонија

Од денеска на продажба уште три стана и една гаража на Мијалков

09.11.2023 11:26

Со продажбата на овие четири недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 20.316.663 денари или 330.350 евра, стои во соопштението од Агенцијата.

Агенцијата за управување со одземен имот информира дека со денешната објава за продажба на четири недвижности, а со претходно донесена Одлука од страна на Владата, продолжува враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Имено, станува збор за три стана коишто се наоѓаат на ул. Славејко Арсов, еден од 78 м2, два од 73 м2 и една гаража од 30 м2 во општина Центар, одземени со правосилна пресуда I KOK-ПП.бр. 283/2022 од Основен кривичен суд Скопје. Со продажбата на овие четири недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 20.316.663 денари или 330.350 евра, стои во соопштението од Агенцијата.

Во септември Агенцијата успеа да продаде вкупно три одземени недвижности од Мијалков, согласно правосилната пресуда за случајот „Империја“.

Според процената на Бирото за судски вештачења, севкупниот запленет имот на Мијалков е проценет на речиси 15 милиони евра.