Гир вели дека извештајот е искрен и правичен, Маричиќ тврди дека власта ги разбрала пораките
Владата го доби извештајот од Брисел за напредокот на земјава на европскиот пат. Во него содржани низа забелешки од Унијата дека нема напредок, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, јавната администрација, основните човекови права. За Брисел, извештајот е искрен и правилен. Власта тврди дека ги разбрала пораките…
Евроамбасадорот Дејвид Гир го презентираше извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава на европскиот пат, на заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Според Гир, извештајот е искрен и правичен и доаѓа во контекст кога има значајна динамика во однос на проширувањето.
Постои загриженост во врска со политичката поларизација, посебно во делот на реформите, како и прекумерна, а некогаш и непотребна употреба на ЕУ знаменцето, вели Гир и додава дека не е забележан напредок во делот на владеење на правото. Според него, не е забележан никаков напредок и во борбата со корупцијата.
„Има злоупотреба на ЕУ знаменцето за Кривичниот законик и за законите за коридорите 8 и 10д. Во делот на владеење на правото не е забележан напредок. Се забележува недостиг од доверба кон судиите, но и разрешувањето на експретседателката на судскиот совет. Повикуваме да се усвојат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а потсетуваме и на препораките од претходните години кои не беа имплементирани. Не е забележан напредок во борба со корупција, а истовремено забележуваме зголемување на случаите на корупција на високо ниво. Резултат на тоа е застарување на делата, што предизвикува голема загриженост“, нагласи евроамбасадорот Гир.
Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во извештајот за земјава има напредок во 80 отсто од поглавјата. Тврди дека власта ги прифаќа укажувањата и ги разбрала пораките од Унијата.
„Комисијата дава објективен пресек на напредокот, но и на слабостите. Произлегува важна порака, имаме напредок во 80 отсто од поглавјата, а не е нотирано назадување. Оценката е добро ниво во 2023 година и е солидна константа веќе неколку години наназад. Во делот на кластерот Фундаментални вредности, се нотира дека државата испорачува резултати“, нагласи Маричиќ.
За вицепремиерот Маричиќ, реформскиот процес е во неизвесност поради уставните измени.
