Израел-Хамас

Преговори за тридневен хуманитарен прекин на огнот

09.11.2023 12:37

Вашингтон ги отфрли плановите на премиерот Нетанјаху, по војната против Хамас, Израел да биде одговорен за безбедноста на Газа. Милитантите ја загубија контролата над северот на енклавата. Во тек преговори за тридневен прекин на огнот за да влезе хуманитарна помош во појасот. Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права вели, и Израел и Хамас извршиле воени злосторства…

Околу 80 земји и меѓународни организации во Париз кројат план како да се достави помошта и да им се помогне на ранетите во Газа. Доколку не дојде до прекин на борбите, не се очекуваат конкретни резултати.

„Израел има право да се брани себеси, но цивилите мора да бидат заштитени. Ова е апсолутно неопходно, не може да се преговара. Ситуацијата е страшна. Затоа многу брзо ни треба хуманитарна пауза и мора да работиме на посредување за прекин на огнот“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Прекинот на огнот е услов кој би можел да ослободи неколкумина заложници за кои Катар преговара со Хамас, но Нетанјаху ја отфрла таквата можност.

„Крвожедниот терорист Нетанјаху е лично одговорен за попречувањето на ослободувањето на странските притвореници што ги држиме, на кои им понудивме и бевме подготвени да ги ослободиме, но тој реши да ја одложи понудата“, рече Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.

Хуманитарната криза се продлабочува додека Израел го стега обрачот околу непријателот. Над 50 илјади Палестинци ја напуштаат областа.

„Бевме засолнети во училиштата, но тие не се безбедни. Немаме храна и вода, удрија по пекарницитеВо Газа нема живот“, вели Абер Акеила, жителка на Газа.

„Беа истрелани 500 проектилиСе евакуираме на југ“, вели жител од Газа.

Тешко стигнува и медицинската помош до болниците. Возилата на Црвен крст сè почесто на удар.

„Ова не се услови под кои хуманитарците можат да работат и да ги задоволат итно потребите на цивилното население“, изјави Вилијам Шомбург, шеф на подделегацијата на МКЦК во Газа.

Апел и од СЗО-ужасот мора да престане.

„Хуманитарниот персонал ги ризикуваат своите животи. Ниту едно место не е безбедно“, изјави Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО за Западниот брег и Газа.

Израелската одбрана тврди дека го презела упориштето на Хамас во северот на Газа. По 10 часовни борби заплениле оружје, уништиле над 130 тунели, а откриле и окно лоцирано во близина до градинка кое води до голема подземна рута. Посочуваат дека Хамас користел станбена заграда за производство на експлозиви и оружје.

„Многу работи што ги видовте надвор во комплексот беа скриени тука. Ќе треба време да се уништи Хамас. Не видовме цивили овде, само терористи“, изјави потполковник Идо, израелски војник.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека секој потег на израелските окупаторски сили да ја подели Газа на два дела е неприфатлив и нагласи дека енклавата е составен дел на Палестина. Советот за безбедност повторно заседава за ситуацијата во Газа.

Бојана Крстевски