Хуманитарната криза во Газа се продлабочува, се бара начин како да се достави помош
Како да се достави помошта и да им се помогне на ранетите во Газа-околу 80 земји и меѓународни организации на конференција во Париз. Прекинот на огнот е услов кој би можел да ослободи неколкумина заложници...

Како да се достави помошта и да им се помогне на ранетите во Газа-околу 80 земји и меѓународни организации на конференција во Париз.
„Цивилите мора да бидат заштитени. Ситуацијата е страшна. Затоа многу брзо ни треба хуманитарна пауза и мора да работиме на посредување за прекин на огнот“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
„За помошта да направи разлика, војната мора да престане. Каква корист би било да добиете вечера и да ве убијат следниот ден?“, рече Мохамед Штаје, премиер на Палестина.
Прекинот на огнот е услов кој би можел да ослободи неколкумина заложници за кои Катар преговара со Хамас, но Нетанјаху ја отфрла таквата можност.
„Крвожедниот терорист Нетанјаху е лично одговорен за попречувањето на ослободувањето на странските притвореници што ги држиме, на кои им понудивме и бевме подготвени да ги ослободиме, но тој реши да ја одложи понудата“, рече Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.
Хуманитарната криза се продлабочува додека Израел го стега обрачот околу непријателот. Над 50 илјади Палестинци ја напуштаат областа.
„Бевме засолнети во училиштата, но тие не се безбедни. Немаме храна и вода, удрија по пекарниците. Во Газа нема живот“, изјави Абер Акеила, жителка на Газа.
Тешко стигнува и медицинската помош до болниците. Возилата на црвен крст сè почесто на удар. Апел и од СЗО-ужасот мора да престане.
Израелската одбрана тврди дека го презела упориштето на Хамас во северот на Газа. По 10 часовни борби заплениле оружје, уништиле над 130 тунели, а откриле и окно лоцирано во близина до градинка кое води до голема подземна рута. Посочуваат дека Хамас користел станбена зграда за производство на експлозиви и оружје.
„Многу работи што ги видовте надвор во комплексот беа скриени тука. Ќе треба време да се уништи Хамас. Не видовме цивили овде, само терористи“, нагласи потполковник Идо, израелски војник.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека секој потег на израелските окупаторски сили да ја подели Газа на два дела е неприфатлив и нагласи дека енклавата е составен дел на Палестина. Советот за безбедност повторно заседава за ситуацијата во Газа.
Бојана Крстевски
