Кореја-Русија-Украина

Осуда за протокот на оружје и воена опрема од Северна Кореја во Русија

09.11.2023 14:35

Вашингтон, Сеул и Токио будно ја следат соработката меѓу Москва и Пјонгјанг. Tврдат дека меѓу двете страни постои испорака на оружје. Северна Кореја и Русија негираат постоење на какви било договори за продажба на оружје...

САД и сојузниците Јужна Кореја и Јапонија го осудија протокот на оружје и воена опрема од Северна Кореја во Русија. Воената соработка меѓу Путин и Ким Џонг Ун е двонасочна улица, тврди американскиот државен секретар. Според него, се испорачуваат количини оружје во Москва за нејзината војна против Украина, а за возврат Пјонгјанг добива техничка поддршка за нуклеарните програми.

„Споделуваме длабока загриженост за растечката и опасна воена соработка на Северна Кореја со Русија. Ова е нешто што ние го набљудуваме многу внимателно. Таа поддршка би била јасно кршење на повеќекратните безбедносни резолуции. Русија има обврска, особено како постојана членка на Советот за безбедност, да ги поддржи резолуциите, и да не ги прекршува“, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.

Внимателно се следат и извештаи за вмешаноста на Северна Кореја во помагањето на милитантната група Хамас, што Пјонгјанг го негираше. Според шефот на јужнокорејската дипломатија, Кина има конструктивна улога за тензиите од врските меѓу Пјонгјанг и Москва.

„Со тензијата во Европа која е зголемена поради војната во Украина, Кина нема ништо да добие од трговијата со оружје и воената соработка во североисточна Азија, меѓу Русија и Северна Кореја. Јужна Кореја и САД ќе се обидат да ја поттикнат Кина да ја преземе загриженоста на меѓународната заедница и да одигра улога во спречувањето на оваа опасна трговија“, изјави Парк Џин-министер за надворешни работи на Јужна Кореја.

Северна Кореја и Русија негираат постоење на какви било договори за продажба на оружје, иако нивните лидери најавија поблиска воена соработка по средбата во септември на рускиот Далечен Исток.

 

 

Маријана Димовска