Скопје

Нема новопријавени случаи на ученици заразени со салмонела, се утврдува изворот на заразата

09.11.2023 14:50

Нема новопријавени случаи кај ученици од Општина Карпош, заразени со салмонела. И денеска се вршеа вонредни инспекциски надзори – и во трите училишта, и во кујната и магацините на компанијата што ја приготвува храната. Целта е да се утврди изворот на заразата. Се чекаат резултатите од брисовите…

Која е причината за труењето на основците со салмонела, ќе се знае најдоцна до понеделник, кога ќе бидат готови анализите од земените брисови од работните површини на кујните и вработените.

Кујните во неколку училишта остануваат затворени, откако девет ученици од прво до четврто одделение се заразиле со салмонела. Продолжија координираните инспекции на надлежните здравствени инспекторати кои имаат цел да го спречат ширењето на заразата, информираа од ДСЗИ. АХВ, пак, ги анализира примероците од храна од централниот магацин на фирмата која ја доставува храната. Дополнително вонредни контроли ќе има и во другите училишта каде нема пријавено случај на салмонела.

Градоначалникот на Карпош, Јакимовски смета дека одговорноста не е кај училиштата бидејќи според неговите информации салмонела има и кај ученици кои не се хранеле од училишната менза, но сепак ќе почека да ги види резултатите од анализите кои треба да покажат дали има одговорност кај фирмата која ги снабдува училиштата со храна, а е ангажирана од Општината Карпош.

Засега нема пријавено нови случаи со салмонела, ниту има хоспитализации на инфективната и на детската клиника. Директорката Стојка Нацева-Фуштиќ очекува да нема нови заболени бидејќи, како што вели, навремено се реагирало за спречување на заразата. Објаснува дека салмонелата се појавува во период осум до 72 часа по јадењето на контаминирана храна или вода.

Заразени се девет основци од училиштата „Војдан Чернодрински“, „Владо Тасевски“ и „Јан Амос Коменски“ од скопски Карпош.

Викторија Милевска