Нови случаи на заразени со салмонела
Регистрирани нови заразени ученици со салмонела. Во училиштата и во кујната на фирмата што ја обезбедува храната и денеска вонредни инспекциски надзори. Се чекаат резултатите...

Уште три деца од основните училишта во скопски Карпош заразени со салмонела. Покрај деветмината кои се веќе потврдени, од Институтот за јавно здравје добиле пријава за уште неколку затруени во „Димо Хаџи Димов“ и двајца во „Христијан Тодоровски Карпош“. Кујните во училиштата остануваат затворени.
Која е причината за труењето на основците со салмонела ќе се знае најдоцна до понеделник кога ќе бидат готови анализите од земените брисеви од работните површини на кујните и вработените.
Продолжија координираните инспекции на надлежните здравствени инспекторати кои имаат цел да го спречат ширењето на заразата, информираа од ДСЗИ. АХВ пак, ги анализира примероците од храна од централниот магацин на фирмата која ја доставува храната. Дополнително вонредни контроли ќе има и во другите училишта каде нема пријавено случај на салмонела.
Градоначалникот на Карпош Јакимовски смета дека одговорноста не е кај училиштата бидејќи според неговите информации салмонела има и кај ученици кои не се хранеле од училишната менза, но сепак ќе почека да ги види резултатите од анализите кои треба да покажат дали има одговорност кај фирмата која ги снабдува училиштата со храна, а е ангажирана од општината Карпош.
На Инфективна и на Детската клиника нема хоспитализирано деца заболени со салмонела. Директорката Стојка Нацева-Фуштиќ објаснува дека салмонелата се појавува во период 8 до 72 часа по јадењето на контаминирана храна или вода. Клучно е вели навремено да се препознаат симптомите.
Засега заразени се 12 основци од 5 училиштата во скопски Карпош.
Викторија Милевска
