Израел

Израелската војска ја нападна Сирија

10.11.2023 09:34

Израел гранатираше цели во Сирија како одговор на нападот со беспилотни летала во израелскиот град Еилат. Тел Авив најавува тактички паузи во појасот Газа. Американски дипломати предупредуваат – расте револтот во арапскиот свет кон САД поради поддршката на Израел во војната со Хамас.

Израелските власти ги отфрлија американските тврдења за 4-часовни хуманитарни паузи. Тоа се само тактички, локални паузи, ограничени со време и област.

„На одредени локации за одреден период, неколку часа овде, неколку часа таму, сакаме да го олесниме безбедното минување на цивилите подалеку од зоната на борбите“, изјави Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел.

Специјалниот известувач на ОН за Палестина оцени дека паузата во борбите, пред луѓето повторно да бидат бомбардирани, е многу цинично и сурово.

„Наредбата за евакуација на над 1 милион луѓе од северна Газа кон југот додека тој сè уште се бомбардира, е принуда. Веќе постои план за повторно окупирање и изградба на израелски градови и плажи на северот на Газа. Каде е меѓународната заедница?“, рече Франческа Албанезе - специјален известувач на ОН за палестинските територии.

Тел Авив соопшти дека нема намера да ја окупира или да владее со Газа по војната со Хамас, но дека ќе биде потребна и „кредибилна сила“ на палестинската територија за да се спречи појавата од милитантни закани.

Борбите против Хамас продолжуваат и нема да запрат додека не се вратат заложниците – вели израелската одбрана.

„Сите ќе ги елиминираме. За нив немаат место под сонцето, нема компромис со никој што ги повредил и убил нашите граѓани“, изјави Јоав Галант - министер за одбрана на Израел.

Исламски џихад соопшти дека е подготвен да ослободи двајца заложници, жена и дете од хуманитарни и здравствени причини.

„Оваа иницијатива ќе стапи во сила доколку се исполнат соодветни услови на копно и безбедносно ниво“, изјави Абу Хамза - портпарол на бригадите Кудс.

Израелската војска соопшти дека нападнала цел во Сирија како одговор на вчерашниот напад со дрон врз училишна зграда во израелскиот град Еилат.Во нападот немаше жртви и повредени. Хутите во Јемен ја презедоа одговорноста и повикаа на целосно уништување на Израел.

„Истрелавме серија балистички ракети кон израелски цели јужно од окупираните земји, вклучително и Еилат. Ќе ги продолжиме воените операции бранејќи го палестинскиот народ од тиранијата на која е подложен“, изјави бригадирот Јахја Саре - воен портпарол на хутите.

На копно, борбите продолжуваат. Газа соопшти дека во израелските воздушни напади биле погодени три болници. Во исто време, до администрацијата на Бајден пристигнаа остри предупредувања од американските дипломати во арапските земји дека силната американска поддршка за воената кампања на Израел во Газа доведува до зголемен гнев кај арапската јавност.

 

Бојана Крстевски