Имунизација

Куманово: Жители одбиваат да се имунизираат

10.11.2023 11:38

Тече кампањата „Од врата на врата“ којашто ја спроведува Министерството за здравство, заедно со медицинските тимови од здравствените домови низ државата. Македонската телевизија на терен со здравствениот персонал, на увид, каков е интересот. Во Куманово го посетивме село Табановце. Повеќето жители и покрај советите на лекарите, одбија да се имунизираат...

„Не сум примала досега и не знам дали да примам или не, не сакам да примам, па што биде нека биде“, е одговорот којшто 73-годишната Сунчица од село Табановце, им го даде на здравствените работници кои се дел од кампањата за имунизација „Од врата на врата“, којашто се реализира месецов.

Оваа жителка од пограничното село од североистокот појасни дека досега не примила ниту една вакцина против сезонски грип. Не е заинтересирана ниту за вакцинација против ковид.

„Не стравувам но сепак може нешто и да биде“, вели таа.

Со екипата на Здравствениот дом посетивме повеќе домови во Табановце. Но само една повозрасна жителка по нивните совети се согласи да се имунизира, како и неколку дечиња во основното училиште со редовната вакцинација. Повеќето не ни сакаат да слушнат за вакцинација.

„Здрава сум фала му на Господ, зошто да примам, здрава сум“ – вели Боринка Трајковиќ, 85 години.

„По нашите правила ние си ги вакцинираме децата, дали е тоа исправно или не ние ги вакцинираме“, дополни Весна Велковска, село Табановце.

Лекарите велат состојбата е различна зависно од подрачјето коешто се посетува. Во Табановце одзивот за вакцината против сезонски грип е послаба, во споредба со останатите места.

„За сезонски грип морам да кажам дека вакцинираат во Центарот за јавно здравје, а ние имунизираме само ризични групи, тоа се возрасни над 65 години исто така со повеќе хронични болести и тоа малку ни го ограничува одзивот на самата имунизација против сезонски грип, затоа што често се случува помлади да сакаат да примат вакцина исто така и некои коишто немаат хронични болести“, изјави доктор Ана Арсовска, Здравствен дом Куманово.

По пролетната кампања Министерството за здравство одлучи 30 тимови од медицински лица да продолжат да ги посетуваат и советуваат граѓаните за придобивките од вакцинацијата.

Во кампањата којашто ја спроведува Министерството за здравство заедно со здравствените домови а е преку Светската здравствена организација и ќе трае до крајот на ноември, е предвидено да се посетат 20 претежно рурални општини, во кои имунизацијата е послаба, односно ќе се разговара со над 3.000 семејства.

 

Елена Георгиевска