„Секвенци на рефлексијата“ од Слободан Милошески во МКЦ
Изложбата носи наслов „Секвенци на рефлексијата“ и ја сочинуваат 14 скулптури од галериски формат изработени во инокс кои Милошески ги создал во последните две години.

Од денес до 20 ноември во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде поставена изложбата на скулптури од авторот Слободан Милошески. Изложбата носи наслов „Секвенци на рефлексијата“ и ја сочинуваат 14 скулптури од галериски формат изработени во инокс кои Милошески ги создал во последните две години.
Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на катедра „Скулптура“.
Досега има реализирано 30 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година, Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година, наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
