Неизвесни хуманитарни паузи во Газа
„Борбите ќе продолжат, но на одредени локации за одреден период, неколку часа овде, неколку таму, сакаме да го олесниме безбедното минување на цивилите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Четиричасовните хуманитарни паузи во Газа остануваат неизвесни, откако Тел Авив појасни дека станува збор само за тактички, локални паузи, ограничени со времетраење и област.
„Го цениме фактот што Израел објави четиричасовни паузи со тричасовно известување во одредени области, како и два хуманитарни коридора кои ќе им овозможат на луѓето да се движат побезбедно и послободно“, рече Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Борбите ќе продолжат, но на одредени локации за одреден период, неколку часа овде, неколку таму, сакаме да го олесниме безбедното минување на цивилите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Специјалниот известувач на ОН за Палестина оцени дека паузата во борбите, пред луѓето повторно да бидат бомбардирани, е многу цинична и сурова.
„Наредбата за евакуација додека југот сè уште се бомбардира, е принуда. Веќе постои план за повторно окупирање и изградба на израелски градови и плажи во северот на Газа. Каде е меѓународната заедница?“, прашува Франческа Албанезе, специјален известувач на ОН за палестинските територии.
Тел Авив соопшти дека нема намера да ја окупира или да владее со Газа, но дека ќе биде потребна и „кредибилна сила“ на палестинската територија за да се спречи појавата од милитантни закани. Борбите против Хамас продолжуваат и нема да запрат додека не се вратат заложниците – вели израелската одбрана.
„Сите ќе ги елиминираме. За нив немаат место под сонцето, нема компромис со никој што ги повредил и убил нашите граѓани“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Исламски џихад е подготвен да ослободи двајца заложници, жена и дете од хуманитарни и здравствени причини.
„Оваа иницијатива ќе стапи во сила доколку се исполнат соодветни услови на копно и безбедносно ниво“, рече Абу Хамза, портпарол на бригадите Кудс.
Израелската војска нападна цели во Сирија како одговор на претходен напад. Хутите во Јемен презедоа одговорност и повикаа на целосно уништување на Израел.
„Ќе ги продолжиме воените операции бранејќи го палестинскиот народ од тиранијата на која е подложен“, изјави Јахја Саре, воен портпарол на Хутите.
Арапските земји гневни и со остри предупредувања до Бајден за силната американска поддршка за воената кампања на Израел.
Бојана Крстевски
