Политика

Не стивнуваат партиските реакции за Извештајот на Европската комисија

10.11.2023 12:25

Продолжуваат реакциите за Извештајот на Европската комисија. За владејачката СДСМ извештајот е јасен. Земјата има напредок во 81 насто, нема назадување во ниту едно поглавје. ВМРО-ДПМНЕ со различен став, смета дека е најлошиот извештај досега…

По критиките во извештајот на Европската комисија не стивнуваат обвинувањата кој е крив за состојбите во државата. Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат Владата јавно покажа дека фронтот за ЕУ е лажен фронт. Очигледно е дека во евроинтеграциите, поголем проблем стана корупцијата и нефункционалниот систем од билатералните проблеми кои ги има Македонија. Партизирана администрација, немање прогрес во судството, злоупотреба на европското знаменце, корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање, цитираат во ВМРО-ДПМНЕ делови од извештајот.

За социјал-демократите извештајот на Европската комисија е јасен, прогрес има во 81% од поглавјата, нема назадување во ниту едно поглавје. Нема делови како заробена држава, нема мешање во судската власт, нема уназадување. Го потенцираат планот за раст на Унијата наменет за Западен Балкан.

Само со овој план за Македонија на располагање и стојат милијарда евра. Со продолжување со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе го имаме за пет месеци од сега. Затоа блокадите и опструкциите на ДПМНЕ и Мицкоски мора да бидат поразени, велат од СДСМ.

И власта и опозицијата остануваат на своите утврдени стојалишта дека за состојбите во државата другиот е виновен.

Миле Ристески