УКИМ

Универзитетите бараат повеќе пари за научни истражувања

10.11.2023 12:26

Академската заедница бара повеќе пари за научни истражувања. Сметаат дека сегашните не се доволни за земјава да биде во тек со научните достигнувања. Денеска Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ќе го одбележи Светскиот ден на науката за мир и развој...

Академската заедница бара повеќе пари за научни истражувања. Сегашните 0,3 проценти што се одвојуваат од државниот буџет не се доволни за земјава да биде во тек со научните достигнувања – порака на Светскиот ден на науката од ректорката на УКИМ, Биљана Ангеловска.

Според неа во вакви услови Универзитетот „Кирил и Методиј“ мора позасилено да работи за да најде сопствени извори на финансирање. За земјата да има добар резултат во остварувањето на европската агенда за одржлив развој, реформите во оваа област треба да се насочат кон зелената и дигиталната транзиција, смета Ангеловска.

Државата нема стратегија како да ја развие науката затоа нема напредок, ниту се знае каде ќе се движи оваа област во наредните 10 години смета професор Макревски, еден од добитниците на наградата најдобар научник. Според него ретко се зборува за науката, а финансирањето на научни истражувачки проекти како што вели е 10 пати помало од онаа на Европската Унија.

Изминатава година УКИМ во научните списанија има објавено над 700 трудови.

 

Викторија Милевска