Продолжуваат руските напади, војната во Украина навлезе во 21-от месец
Иако доби препорака за почнување на преговорите, Украина сега се соочува со барањето на Унгарија за почитување на правата на националните малцинства. Германија распореди цела бригада во Литванија поради европската безбедност. Војната навлезе во 21-от месец, не се наѕираат нити примирјето ниту мировните преговори…

Град од руски проектили, познатите „каќуши“, врз украинската пешадија северно од Бахмут во Донбас. Оружените сили на Украина се обидуваат да монтираат мостобран на реката Дњепар кај Доњецк за да преминат во областа контролирана од Москва.
И покрај инвазијата, во Естонија драстично опаднал бројот на бегалците. Во земјата се стационирани 36 илјади бегалци, претходно пребегнувале по 300 дневно, последнава недела само 50.
„Бројот на бегалците наеднаш опадна, според информациите ниту еден од нив нема дојдено денеска, додека претходните денови доаѓаа по двајца максимум“, изјави Кристи Морк, директор на Нарва, организација за социјална помош.
НАТО нема да се откаже од силната поддршка на Киев. При средбата со германскиот канцелар Шолц во Берлин, генералниот секретар Столтенберг укажал на распоредувањето на германските трупи и опрема во Словачка и Литванија. Целта е одбраната на Европа.
„Мораме да продолжиме со обезбедувањето оружје за Украина, за бидат силни на бојното поле денеска и уште посилни утре на преговарачката маса“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
„Бундесверот, германската војска храбро се справува со задачите. Распоредувањето на цела бригада во Литванија или поголем број воени единици за во иднина“, изјави Олаф Шолц, сојузен канцелар на Германија.
Во услови на воена состојба, продолжена од Зеленски по деветти пат, на сигналот од Брисел за отворање на Европските преговори со Киев во декември, се спротивстави Унгарија. Будимпешта бара почитување на европските критериуми за правата на националните малцинства.
„Сигурна сум дека ќе го надминеме предизвикот во наредниот месец. Секако нема да останеме рамнодушни. Во минатиот септември, наша делегација беше во Будимпешта“, изјави Олга Стефанишина-вицепремиерка на Украина.
Војната во Украина навлезе во 21-от месец, засега не се навестуваат ниту примирјето ниту мировните преговори.
Зоран Богатинов
