Во Тетово комуналните проблеми никако да се решат
Смет околу контејнерите, по тротоарите и другите јавните површини, запуштени тревници. Комуналните проблеми во Тетово никако да се решат. Општински власти велат дека словенечка компанија ќе го реши проблемот со сметот во градот. Денеска градоначалникот на Тетово, Касами, потпиша договор со компанијата за собирање и транспортирање на сметот.

Смет има речиси во секое тетовско маало, особено околу контејнерите од каде се шири смрдеа. Тетовци велат дека отпадот не се собира редовно, а граѓаните фрлаат се и сешто.
Низ градот ретко може да се видат комунални работници, на кои речиси една деценија им доцнат платите, поради лошата состојба на ЈКП Тетово, кое тоне во долгови.
Од Општина Тетово, велат дека при кај е процесот на поделба на ЈКП Тетово во три правни субјекти, кое ќе го подобри стопанисувањето, а со тоа и финансиското менаџирање ќе биде попрактично.
Собирањето и транспортирањето на сметот ќе биде обврска на словенечка компанија, успешна во овој сектор. Таа денеска потпиша договор со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами.
Од словенечка компанија велат дека менаџирањето со отпадот во Тетово за нив е предизвик
„Ние работиме со многу градови. Знаеме дека ова за нас е предизвик и сметаме дека имаме доволно искуство да се справиме со ситуацијата и да ја подобриме хигиената во градот, затоа и го потпишавме договорот“, изјави Андреас Опелт- Словенечка компанија на групацијата Саубермахер.
Од „ЈКП Тетово“ ќе се одвојат два правни субјекти, „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена“,а Одделот за православни гробишта, „Паркови и зеленило“ и „Градски пазар“ ќе останат во склоп на старото комунално претпријатие.
Но и овие сектори според состојбата на терен не функционираат добро. Градежен шут и друг разновиден отпад со години ги загадуваат и живописните предели во руралните општини од тетовско и шарпланинскиот масив.
Зоран Димовски
