Пожар со смртни последици во охридското село Требеништа
Пожар во охридското село Требеништа предизвика трагедија иако пожарникарите во најкус можен рок пристигнале до опожарениот објект.

При интервенцијата на противпожарната единица од објектот биле извлечени две лица со изгореници и повреди од помал степен, а било пронајдено и едно починато лице.
Дојавата за пожарот била примена во 8 часот и 25 минути од соселанец на оштетените при што на самото место интервенирале 5 пожарникари со 2 противпожарни возила.
„Затекнато е опожарување на индивидуален станбен објект-куќа во повисока фаза, односно во распламтена фаза при што веднаш од наша страна се преземени сите техничко-тактички мерки за гаснење на истиот“, изјави Борко Јанкулоски-командир на Територијална противпожарна единица Охрид.
Јанкулоски вели дека тие не можат да одговорат кои се причините за пожарот, бидејќи при нивното пристигнување тој бил во голема распламтена фаза, посочувајќи дека тоа е во надлежност на полицијата и кримтехника кои во соработка со јавниот обвинител го истражуваат случајот.
Сашо Нелоски
