Македонија

Град Скопје: Се реализира проектот за изградба, регулација и покривање на Усјанскиот канал

10.11.2023 14:40

Градоначалничката Арсовска изврши увид во градежните работи за решавање на овој децениски проблем.

Почна реализацијата на проектот за изградба, регулација и покривање на Усјанскиот канал со што се решава еден од најгорливите комунални и еколошки проблеми во градот, информираат од Град Скопје. Градоначалничката Арсовска изврши увид во градежните работи за решавање на овој децениски проблем.

Со овој проект се разрешува еден од најголемите комунални и еколошки проблеми во Скопје, кој има директно влијание на жителите кои со децении потенцираат дека овој канал претставува потенцијална опасност од ширење на заразни болести. Покривањето на овој канал пред локалните жители е ветувано со години, а сега овој проект е реалност, истакна денеска градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека проектот за регулација и покривање на Усјанскиот канал се реализира во неколку фази, а во првата фаза се гради, уредува и покрива каналот во должина од 1.300 метри. Тој ги собира атмосферските води од неколку суводолици од планината Водно, како и атмосферските води од повеќе атмосферски колектори од територијата на општините Кисела Вода и Аеродром.