Борбите против Хамас продолжуваат
Израелскиот премиер изјави дека Израел не сака да ја освои, окупира или владее Газа, но дека ќе биде потребна и „кредибилна сила“ на палестинската територија за да се спречи појавата од милитантни закани. Арапските земји гневни и со остри предупредувања до Бајден за силната американска поддршка за воената кампања на Израел...

Битката со Хамас продолжува и нема да запре сè додека не се ослободат заложниците, порача министерот Галант. Тенковите се пред болниците кои Израел ги посочи како засолништа на терористичката организација.
„Сите ќе ги ликвидираме. Немаат место под сонцето, нема компромис со никој што ги повредил и убил нашите граѓани“, изјави Јоав Галант-министер за одбрана на Израел.
Хамас обвинува-погодени се три болници. Израел возврати-болницата Шифа е главен команден центар на терористите. По засилените воздушни напади, Палестинците го напуштаат северниот дел од опколената енклава.
САД претходно ја поздравија одлуката на Израел за спроведување четиричасовно примирје, за кое Тел Авив појасни дека се тактички паузи, ограничени со времетраење и дејствување.
„Го цениме фактот што Израел објави четиричасовни паузи со тричасовно известување во одредени области, како и два хуманитарни коридора кои ќе им овозможат на луѓето да се движат побезбедно и послободно“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Борбите ќе продолжат, но на одредени локации за одреден период, неколку часа овде, неколку таму, сакаме да го олесниме безбедното минување на цивилите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израел нема намера да ја окупира или да владее со Појасот, но ќе биде потребна „веродостојна власт“ на палестинската територија за да се спречат милитантните закани-додаде Нетанјаху. Одлуката за паузи поздравена и од Брисел. Решението за две држави би било најдобра гаранција за безбедноста во регионот.
„Веројатно ова не е доволно, но е прв и важен чекор. Решението за две држави ќе биде најдобра гаранција за поголема стабилност и безбедност за народот во Израел, за народот на Палестина и за луѓето во регионот“, изјави Шарл Мишел, претседател на Советот на Европската унија.
Досега во конфликтот загинаа речиси 11 илјади луѓе, од нив над четири илјади се деца. Арапските земји со остри предупредувања до Бајден за постојаната американска поддршка на воената кампања на Израел.
Бојана Крстевски
