Македонија

Реформи во Судскиот совет

10.11.2023 16:12

Извештајот на ЕК за напредокот на земјава, во делот за судството пак, го вклучи алармот. По изразената загриженост и негативната оценка за работата на Судскиот совет, министерот за правда формираше работната група.

Лога му испрати надзор на претседателот на кавадаречкиот суд Нанев. Комисијата изврши надзор во работата на АКМИС системот за распределување предмети. Министерот го разреши Нанев од една од функциите, но и побара од Судскиот совет да поведе постапка за Лазар Нанев за одговорност.

„Надзорот во Основниот суд во Кавадарци е дел од редовните активности на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС. Вакви надзори во изминатиот период, комисијата имаше и во други судови. По извршениот надзор во судот во Кавадарци, комисијата ќе изготви извештај“, информираа од Правда.

Извештајот за напредокот го вклучи алармот. Министерот Лога формираше работна група. Академик Владо Камбовски ќе претседава со неа, а членови се и поранешни судии, универзитетски професори и невладини организации. Комисијата има задача да подготви патоказ за реформите во Судскиот совет. Коалицијата за правично судење, која е дел од комисијата, вели, факт е дека измени во содржината на законот се неопходни.

Министерот Лога изминатиот период со низа критики кон Судскиот совет. Иако е член на ова тело, досега нема учествувано на речиси ниеден состанок.

Министерот за правда Кренар Лога, не се согласува со тоа како во моментот функционира и работи Судскиот совет. Смета дека се потребни етапни реформи.

Поранешната судијка Вера Коцо вели дека недовербата во судството се бетонира со случувањата во Судскиот совет.

За ВМРО-ДПМНЕ оценката е очекувана, ако се земат предвид низата скандали и циркусот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет.

Првиот човек на Судскиот совет Сашко Георгиев рече дека нема намера да војува против никого, но не може да дозволи министерот за правда да излегува од своите надлежности и да кажува како треба да работат.

 

Наташа Гркова-Петрушевска