Спасовски во посета на Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“ во Скопје, а на покана на директорот Николовски. Во оваа прилика беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“ и Факултетот за безбедност Скопје...

Во своето обраќање пред наставниот кадар и учениците, министерот Спасовски истакна дека средното стручно образование претставува една од суштинските алки не само во доменот на она што значи етапен образовен процес, туку уште повеќе и во доменот на личната стручна и образовна профилација на младите којашто отвора објективен простор за натамошно стручно надоградување и развивање на стекнатото искуство и знаење. „Се разбира тоа во никој случај не ги ограничува вашите перспективи, драги матуранти, напротив, дава и тоа како квалитетна подлога, и претставува еден своевиден фундамент за понатамошно стручно усовршување и насочување. Во тој поглед дури евидентна е и одредена предност со којашто во самиот старт се стекнувате во споредба со другите врсници коишто би се одлучиле своите амбиции да ги реализираат во областите на образование што ги третира АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Спасовски ја потенцираше личната улога на учениците, кога ќе започнат професионално да придонесуваат за развојот на македонското општество.
Притоа, тој упати апел до младите да продолжат да ја почитуваат и негуваат посветеноста на личниот и професионален развој и по завршување на образованието тука во овој специјализиран училиштен центар, да помогнат за развојот на нашето општество.
Во своето обраќање пред присутните деканот на Факултетот за безбедност проф.д-р Никола Дујовски истакна: „Развојот на македонското општество зависи од секој поединец и од секоја институција поодделно. Затоа сум особено горд што со нашиот стратешки партнер Министерот за внатрешни работи г-н Оливер Спасовски и МВР, денес сме во посета на АСУЦ „Боро Петрушевски“, покажувајќи ја нашата искрена посветеност и грижа за развојот на млади професионалци кои ќе бидат подготвени да ги носат промените во областа на сообраќајот. Факултетот за безбедност и АСУЦ ќе ја продлабочат својата соработка со новиот меморандум кој ќе ни овозможи пошироки видици за развој на двете институции“, рече деканот Дујовски.
