Борби со Хамас, загриженост за болниците
Да престане гранатирањето и убивањето цивили во Газа – повика Макрон. И Блинкен бара да се направи повеќе за заштита на палестинските цивили. Нетанјаху решителен – по војната Израел ќе ја контролира територијата на Газа. Хуманитарната криза во енклавата се продлабочува...

Жителите на Газа поминаа уште ноќ во којашто небото беше црвено од воздушните напади на Израел. Тел Авив ги засили нападите да ги елиминира сите милитанти на Хамас, по упадот од 7-ми октомври кога над 1.200 луѓе беа убиени, меѓу кои многу цивили, а имаше и киднапирани. Израел нема намера да ја запре кампањата сè додека заложниците не бидат ослободени. Жестоки борби меѓу војската и Хамас се водат кај болницата Шифа, каде што според Израел се наоѓа клучниот команден центар и подземни тунели, но, ова го отвори прашањето за хуманитарниот аспект на операцијата.
„Здравствениот сектор на Газа е нападнат. Болниците се намерно таргетирани во еден очаен обид да се протера цивилното население од Газа“, изјави Марван Џилани, директор на Црвениот крст на Палестина.
„Претседателе Бајден, господине Блинкен. Дали ме слушате? Премиери и претседатели на европските држави, дали ме слушате? Дали ги слушате врисоците од болницата Шифа? Од болницата Ал Авдах. Дали ги слушате врисоците на невините луѓе, на оние кои бараат засолниште од бомбите на израелските сили?“, изјави д-р Мадс Гилберт, доктор од Норвешка, волонтер во Палестина.
Според статистиката на Палестинците, досега бројот на загинати надминал 11 илјади, а повеќе од 100 илјади луѓе само во последниве два дена преминале од северот на југот на Газа. Советот за безбедност на Обединетите нации повторно распраша за конфликтот.
„Додека ние овде говориме, болниците станаа главната мета на Израел. Тие се под опсада, а нивното окружување е бомбардирано“, изјави Ријан Мансур, амбасадор на Палестина во ООН.
„И покрај нивните неверојатно тврдења, Хамас е целосно одговорен за ситуацијата во Газа, за цивилното население во Газа, за ресурсите на Газа. Хамас е целосно одговорен за искористувањето на болниците и амбулантите како оружја на теророт“, изјави Гилад Ердан, претставник на Израел во ООН.
„Внимателно ја следиме ситуацијата во болниците во Газа и длабоко сме загрижени за цивилите кои се во објектите и кои зависат од нив за нега и згрижување, и ги користат како прибежиште од насилството“, изјави Роберт Вуд, заменик-претставник на САД во ООН.
Во меѓувреме, шефот на палестинската управа Махмуд Абас порача дека е подготвен, по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас, да ја преземе контролата врз Газа како дел од решението на конфликтот со создавање две држави.
Мартин Пушевски
