Судство

Куманово: Основен суд со малку судии, а многу предмети

11.11.2023 09:39

Основниот суд во Куманово функционира со само половина од законски предвидениот број на судии. Сепак институцијата којашто е меѓу поголемите во државата, последниве години работи успешно. Во пожарот којшто го зафати летово изгореа стари предмети. Просториите се санирани, но не и електронскиот систем...

Малку судии, а многу предмети, е состојбата во кумановскиот Основен суд, кој е меѓу најголемите во државата, трет, веднаш по скопските. Но и покрај тоа според извештајот на Судскиот совет, Основниот суд Куманово последниве шест години е успешен.

Основниот суд во Куманово кој е со проширена надлежност и постапува по сите видови предмети во граѓанска и кривична материја, функционира со преполовен број на судии. Недостигот е поради пензионирање и одлив на кадар. Институцијата би требало да има 35, но во моментов работи со само 18 судии, и еден кој е Скопје кој е распределен на една година.

Кандидати за судии за Куманово нема, имаше два огласи. Во прекршоци имаме само тројца судии, а еден судија има 1.000 предмети – вели претседателката на Основен суд Куманово, Снежана Манев.

Кумановскиот суд е целосно саниран по пожарот којшто летово ја зафати архивата. Реконструирана е инсталацијата за електрична енергија и водовод, но останува проблемот со АКМИС системот, кој не функционира во половина од зградата. Во пожарот уништени се само старите предмети, но истите веќе биле внесени во електронскиот систем.

Судската служба е добро покриена, недостигаат само дактилографи, од кои повеќето заминале во пензија. Институцијата очекува да добие дозвола за нови вработувања.

 

Елена Георгиевска