Дуалното образование во функција на стопанството
Со концептот на дуално образование средните стручни училишта повторно се привлечни за младите. Тоа се потврдува преку примерот на охридскиот електромашински училиштен центар „Свети Наум Охридски“, кој се смета за водечки во земјава, каде бројот на ученици од околу четиристотини и педесет за четири години е зголемен за скоро 100 проценти.

Со прифаќањето на дуалното образование средните стручни училишта на некој начин претставуваат логистичка поддршка за компаниите, бидејќи обезбедуваат високостручно оспособени работници, кои во текот на образовниот процес посетуваат практична настава во нивните погони. Искуствата по првите две генерации се позитивни, особено кога се работи за соработката помеѓу училиштата и странските компании.
„Ние како институција треба квалитетна настава да изведеме од теоретскиот дел и вежбите, додека учењето преку работа, односно практичната настава се реализира во компанија. И самата компанија има интерес што подобро да ги обучи учениците за во иднина да може да ги вработи“, изјави Сашо Недески-директор на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ Охрид.
„Во некои од компаниите целосно е опфатена наставата, се поклопува со она што го учиме, но секогаш има можност за нови начини на презентирање на наставата“, изјави Ангеле Буџакоски-професор во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ Охрид.
Најголемиот број од учениците кои посетуваат дуално образование својата иднина ја гледаат во Охрид и Македонија. Сепак има и исклучоци кои сметаат дека во странство ќе имаат подобри услови за работа и напредување.
„Мојата иднина по завршувањето на средното образование ја гледам во Охрид“.
„Иднината ја гледам во странство во некоја компанија за мехатроника“.
Со воведувањето на овој начин на образование младите, особено добрите ученици ќе имаат загарантирано вработување и ќе останат во Охрид, што беше една од главните цели. Од друга страна компаниите ќе го надминат проблемот од хроничен недостиг на квалификувана работна сила.
Сашо Нелоски
