Израел

Интензивни борби меѓу Израел и Хамас во близина на болниците во Газа

11.11.2023 12:45

Интензивни борби меѓу Израел и Хамас во близина на болниците во Газа. Макрон повика да запре убивањето цивили, Нетанјаху одговори – Хамас е за осуда...

Да престане гранатирањето на газа, да престане страдањето на палестинските цивили – францускиот претседател Макрон со јасни пораки до израелскиот премиер Нетанјаху. За Макрон, борбата против тероризмот е легитимна, но убивањето на цивили не може да оправда ниту една цел. На иста линија и американскиот државен секретар Блинкен. Побара да се направи повеќе за заштита на цивилите во Појасот.

„Мислам дека ова е единственото решение што го имаме, прекин на огнот. Ние ја споделуваме болката и изразуваме подготвеност да се ослободат од тероризмот. Знаеме што значи тероризам во Франција, но мислам дека нема оправдување за напаѓањето цивили. Де факто – денеска се гранатираат цивили. Де факто се убиваат бебиња, жени и стари луѓе. така што, нема причина за тоа и нема легитимитет“, изјави Еманиел Макрон.

Премиерот Нетанјаху го одби повикот на Макрон. Дециден – Хамас ја почна војната убивајќи невини луѓе, повторно обвини дека милитантите користат цивили како „човечки штит“. Во обиколката на воените бази, ги охрабри израелските војници – Хамас ќе биде уништен.

„Имавме многу, многу тешки денови, но знаете што правиме, таму нашите борци напредуваат. Ќе ги победиме со ваша и божја помош. Браво на сите. ви благодариме. Кога ќе застанеме до овие борци, целиот народ на Израел треба да се чувствува безбедно“, рече Бенјамин Нетанхају.

А, состојбата на цивилите во Газа непроменета. Хуманитарната криза од час на час се продлабочува. Страдањата не престануваат. Без основни животни продукти, без доволно храна и вода, болниците се без потребните лекови. Болницата „Шифа“ остана и без гориво.

„Здравствениот сектор на Газа е нападнат. Болниците се намерно таргетирани во еден очаен обид да се протера цивилното население од газа“, изјави Марван Џилани, директор на Црвениот крст на Палестина.

„Претседателе Бајден, господине Блинкен. Ме слушате ли? Премиери и претседатели на европските држави, дали не слушате? дали ги слушате врисоците од болницата Шифа? Од болницата Ал Авдах, дали ги слушате врисоците на невините луѓе, на оние кои бараат засолниште од бомбите на израелските сили?“, изјави д-р Мадс Гилберт, доктор од норвешка, волонтер во Палестина.

Жителите во Газа минаа уште една ноќ со жестоки гранатирања. Борби се водат кај болницата Шифа, каде што израелските одбранбени сили го пронајдоа клучниот команден центар на Хамас и подземни тунели. Според статистиката на Палестинците, досега бројот на загинати надминал 11 илјади, а повеќе од 100 илјади луѓе само во последниве два дена преминале од северот на југот на Газа.

 

 

Маја Стојанова