Се чекаат резултатите од земените брисови во училиштата во Карпош
За неколку дена треба да биде познато од што се затруја неколкуте ученици од скопски Карпош. Сомнежот е на салмонела. Но, анализите сè уште не се готови. Резултатите се очекуваат од понеделник.

Во почетокот на иднава недела ќе се знаат резултатите од анализите на брисовите кои беа земени поради сомнежот за затруени ученици со салмонела во неколку основни училишта во општина Карпош. Во сите објекти, кујните се ставени под клуч. Забраната за работа ќе важи до отстранување на наложените санитарно – хигиенски и противепидемиски мерки.
Исконтактиравме и со Институт за јавно здравје. Од таму велат дека резултатите сè уште не се готови. Од Агенцијата за храна и ветеринарство, не ни одговорија дали се готови резултатите од земените примероци од храна од централниот магацин и кујните.
Салмонела е бактерија која предизвикува повраќање, дијареја, гадење, грчеви во стомакот, треска и главоболка. Првите симптоми се појавуваат после 6 до 72 часа од заразувањето и траат меѓу 4 до 10 дена, а во некои случаи и подолго, велат лекарите.
Потврдени се вкупно 12 ученици од основните училишта во Карпош, кои се во добра здравствена состојба и веќе се пуштени дома. освен кујните, затворен е и централниот магацин на фирмата којашто доставува храна во училиштата.
Ана Јосифовска Тодоровска
