Иновации

Претседателот Пендаровски ја посети 44. МАКИНОВА и 21. ЕКОНОВА во Берово

11.11.2023 17:14

Претседателот Пендаровски истакна дека настанот е одлична можност за промовирање и афирмирање на креативните идеи, како и за создавање контакт со деловни лица заинтересирани за вложување, производство и пласман на соодветните иновативни решенија на пазарот.

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети 44. Меѓународна изложба за иновации, пронајдоци, патенти, дизајн, идеа, нови производи и технологии, трговски марки, истражувачки проекти и младинско творештво – МАКИНОВА 2023 и 21. Меѓународна изложба за еколошки иновации и истражувачки проекти – ЕКОНОВА 2023, што под негово покровителство викендов се одржува во Берово.

На настанот, во организација на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија (СПАТУМ) и Народна техника на Македонија, претседателот Пендаровски ги разгледа изложените иновации, оценувајќи дека овие дела сведочат за креативноста, знаењето, вештините и макотрпната и креативна работа на учесниците.

Претседателот Пендаровски истакна дека настанот е одлична можност за промовирање и афирмирање на креативните идеи, како и за создавање контакт со деловни лица заинтересирани за вложување, производство и пласман на соодветните иновативни решенија на пазарот. Повика соодветно да се вреднува и искористи потенцијалот и креативноста на младите таленти и да се работи на обезбедување на услови за понатамошно нивно усовршување и развој.

Во рамки на манифестацијата, претседателот Пендаровски ги врачи признанијата на наградените учесници на двете изложби.