Стартува шестото издание на Конференцијата за е-трговија
Од Асоцијацијата за е-трговија информираат дека врвни и еминентни експерти од големите светски брендови Мета, Заландо, Нестле, Алегро, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од најавената програма...

Под мотото „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција“ денеска во Скопје ќе биде отворено шестото издание на Конференцијата за е-трговија во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Од Асоцијацијата за е-трговија информираат дека врвни и еминентни експерти од големите светски брендови Мета, Заландо, Нестле, Алегро, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од најавената програма, кои преку предавања, панел дискусии и разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, вештачката интелигенција, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.
Посочуваат дека Конференцијата и годинава има регионален карактер и е најголема досега – ќе присуствуваат повеќе од 600 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори и менаџери на компании и владини претставници од земјава, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Бугарија.
Пред присутните гости свои поздравни обраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски, амбасадорката на Сојузната Република Германија во земјава Петра Дрекслер, Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија.
Фото: АЕТМ
