ЕК: Умерен напредок во поглавјето за рабарството
Земјата е умерено подготвена во областа на рибарството, оценува Европската комисија во годишниот извештај. Во забелешките се препорачува, да се подобри системот за собирање на податоци и известувања за оваа дејност и за аквакултурата и да се интегрираат сите извори на информации и анализи.

Северна Македонија е умерено подготвена во областа на рибарството и аквакултурата. Постигнат е одреден напредок во усогласувањето на стандардите за маркетинг, структурните мерки и државната помош, со правото на Европската Унија, но некои препораки од минатогодишниот извештај не се целосно спроведени.
Во наредниот едногодишен период комисијата препорачува да се усогласи Законот за рибарство и аквакултура, законодавството за примена на маркетинг стандардите, информациите за потрошувачи и организации на производители, како и националната стратегија за оваа гранка од прехранбената индустрија. Препорака е да се подобри системот за собирање на податоци и известувањето за овие два сектора, како и интеграција на сите извори на податоци и анализи. Потребно е да се воспостави и повеќегодишно програмирање на структурни мерки.
Македонија треба да преземе активности за подигање на свеста на јавноста за нелегалниот, непријавен и нерегулиран риболов и правните последици што следуваат. Посебно внимание треба да се посвети на спречување на забранетиот риболов на заштитените видови и на јагулата. Годишниот буџет за структурни мерки е недоволен за обновување на рибниот фонд и користењето на водните за производство на други видови на храна.
Методија Трајков
