Растат цените на становите во Охрид
Растат цените на становите на брегот на Охридското Езеро. Метар квадратен во центарот на градот достигна и 2.000 евра. За разлика од минатото, последниве години Охрид бележи умерена урбанизација, согласно препораките на УНЕСКО. Понудата се помала, а побарувачката е поголема …

Цените на становите на брегот на Охридското Езеро со тенденција да растат. Метар квадратен во центарот на градот чини околу 1.500 евра, најскапи се недвижностите во првата зона, на брегот, кои достигнаа 2.000 евра за метар квадратен. Надвор од централното подрачје најниската цена на становите се движи околу 1100 евра за квадрат.
Според добрите познавачи цените нема да стагнираат, се очекува и натаму да растат.
„Цените ги диктира пазарот, а пазарот го создава понудата и побарувачката. Ние имаме помала понуда, но имаме многу поголема побарувачка. Така да не очекуваме цените да одат надолу, трендот ќе биде да одат цените нагоре“, вели Наташа Спасеска, агент за недвижности.
Најголем интерес има за еднособни викенд станови, но и за градежни инвестиции на брегот на Охридското Езеро, почнувајќи од населбата Рача до Пештани.
„Особено е голем интересот за инвестирање во градежни парцели, каде што потенцијалните купувачи сакаат да изградат луксузни вили со поглед на Охридското Езеро, и за таа цел потребно е да се изврши урбанизација на тој дел како би се создале услови“, додава Спасеска.
За разлика од минатото, последниве години согласно препораките на УНЕСКО, Охрид бележи умерена урбанизација. Понудата е сè помала, па затоа цените растат.
Соња Рилковска
