Без ДУП странските инвеститори не можат да градат хотели во Охрид
Иако има заинтересирани странски инвеститори кои сакаат да градат хотели на брегот од Охридското Eзеро тоа е невозможно, бидејќи нема детални урбанистички планови. Поради тоа тие своите инвестиции ги пренасочуваат во соседството што негативно ќе се одрази врз развојот на охридскиот и македонскиот туристички сектор.

Сериозни странски инвеститори од областа на туризмот имаат желба да инвестираат во Охрид, меѓутоа тоа е невозможно затоа што долж брегот на езерото нема плацови за градба на хотели. Главната пречка за ваквите состојби е сè уште неизработениот план за управување со Охридскиот регион, што е една од препораките на УНЕСКО.
„Турските инвеститори се заинтересирани за градба на хотел и апартмани, меѓутоа нема детален урбанистички план, односно нема локација којашто е со детален урбанистички план. Исто така имаме заинтересирани, сериозно заинтересирани и од Австралија“, изјави Никола Иванчиќ-агенција за посредување со недвижности.
Од агенциите за продажба на недвижности сметаат дека локалната самоуправа и државата треба што поскоро да го решат проблемот со немањето на детални урбанистички планови, бидејќи како и досега ќе ги губиме странските инвеститори.
Уште поголем е проблемот што и кога има детални урбанистички планови тие често се менуваат.
„Имавме од Белгија сериозно заинтересирани коишто веќе влегоа во фаза за градба на хотел на улица „Крум Точков“ на самото крајбрежје, со деталниот урбанистички план којшто беше донесен. Не се успеа да дојде до реализација од причини што ДУП беше повлечен“, изјави Никола Иванчиќ-агенција за посредување со недвижности.
Ваквата наша несериозност како што вели Иванчиќ, ги принудува потенцијалните странски инвеститори да вложуваат во соседните држави, а тоа негативно влијае врз имиџот на градот и државата.
Сашо Нелоски
