Енергетика

Струјата нема да поскапи, РКЕ ќе го има последниот збор за цената-вели Бектеши

23.11.2023 15:13

Нема повисоки сметки, ниту за парно греење ниту за струја. Бектеши ги смирува граѓаните. Последниот збор за тарифниот систем, сепак ќе го има регулаторот. Дали ќе има или не поскапување на струјата ќе зависи од надворешните цени на снабдувачите на електрична енергија, велат експертите …

Поскапување на струјата нема да има. На цената нема да влијае намалувањето на субвенционирањето на електричната енергија, уверува министерот за економија Бектеши. Заемот од 100 милиони евра од ЕБОР за ЕСМ е доволен и треба да ги покрие сите трошоци, во спротивно треба да има одговорност, додава тој.

По изјавата на претседателот на РКЕ дека ЕВН – Хоум ќе ја формира цената, а тие само ќе ја контролираат, Бектеши вели дека приватна компанија може само технички да ги направи преметките, но последниот збор го имаат регулаторите.

Парите кои се позајмуваат можеби ќе ја држат вештачки цената на струјата, но тоа ќе доведе до зголемување во друг сектор во економијата, сметаат познавачите. Сепак, дали ќе има или не поскапување на струјата ќе зависи од надворешните цени на снабдувачите на електрична енергија.

Мерките за справување со кризата кои ги презема Владата се хаотични. Наместо да се позајмуваме, треба да ги користиме нашите капацитети за производство на електрична енергија, вели универзитетскиот професор Абуш Абил.

Бектеши очекува дека кон почетокот на годината ќе има нов универзален снабдувач и се надева дека маржите ќе бидат пониски. Моментално маржата е 11 насто согласно со тендерот од пред пет години.

Александра Велинова