Економија

Вработените од „Еуроникел“ бараат од Владата да се обезбеди струја за печката, има купувач за комбинатот

23.11.2023 15:36

Банката доверител сака „Еуроникел индустри“ од Кавадарци да опстане, имало заинтересирана фирма како купувач. Ова доаѓа откако во вторникот сопственикот заминал и ја оставил судбината на комбинатот кај банката која е најголем доверител. Илјада вработени стравуваат за нивната судбина…

Попладневниот разговор со банката која е најголем доверител во „Еуроникел индустри“ од Кавадарци, им влеал надеж на вработените дека ќе опстане. По состанокот со претставници од синдикатот на комбинатот, соопштија дека претставниците од банката кажале дека тие сакаат фабриката да продолжи да работи, дека има еден заинтересиран купувач.

Претходно во текот на денот, од синдикатот на „Еуроникел индустри“ соопштија дека побарале помош од Владата за им помогне да се набави струја, за да не згасне печката, оти в сабота вечер ќе биде прекината, по што ќе згасне и комбинатот. Синдикалните претставници кажаа дека Владата им одговорила, средба може да имаат од понеделник, бидејќи агендата била исполнета. Од Владата попладнево потврдија дека писмо од синдикатот добиле и согласно нивните надлежности ќе одговорат.

Од денес е прекината и подготовка на храна за 800 вработени. Згаснувањето на струјата ќе доведе до згаснување на комбинатот со исто толку работници и уште 200 во сестринските фирми, а „Еуроникел индустри“ како извозник го полнел државниот буџет.

Неофицијалните информации велат дека се јавила фирма од Кипар која сака да ја купи „Еуроникел индустри“.

Петар Печков